Новата комбинирана гасна електрана ТЕ-ТО која наскоро ќе биде пуштена во употреба ќе произведува 30 проценти од досегашното производство на електрична енергија во земјата и до 60 проценти од сегашното производство на топлинска енергија во Скопје. Со вклучувањето во функција на ТЕ-ТО ќе се зголеми и искористеноста на гасоводниот систем во државата, од сегашните 10 проценти, на 50 проценти. Во акционерската структура на ТЕ-ТО, 20 проценти се во сопственост на Топлификација АД Скопје, додека 80 проценти се во рацете на странски инвеститори Проект Менаџмент консалтинг и Битар холдингс лимитид како дел од интернационалната групација Синтез од Москва. Вредноста на целокупната инвестиција е 150 милиони евра, што практично е и најголемата инвестиција во државата во последните години во сферата на енергетиката.