Во интервју за Алсат, Милошоски истакнува дека Нимиц е искусен дипломат и оти најверојатно очекува некаков позитивен сигнал од зачестените билатерални средби меѓу македонските и грчките официјални претставници и создавање поволна атмосфера за да може да се направи пробив во однос на прашањето. Според него, веројатно се работи за проценка на Нимиц дека долгогодишниот спор не може да се надмине само со формално доставување на нови предлози кои би биле одбиени од едната или другата страна или, пак, од двете страни.
- Од македонска страна постои подготвеност и прагматизам за надминување на овој долгогодишен спор, но очигледно е дека иако во Грција има една нова форма во односите, нова отвореност во комуникацијата со македонското раководство, сепак, во однос на суштината на самиот проблем и прагматичноста за негово надминување немаме добиено никаков позитивен сигнал, изјави шефот на македонската дипломатија.
За информациите во грчките медиуми дека „Северна“ или „Вардарска Македонија“ би можеле да бидат прифатливи солуции за затворање на спорот, Милошоски вели дека не би сакал да навлегува во шпекулации, но оти е очигледно дека од грчка страна се нагласуваат одредени можни иницијативи кои ја протежираат нивната димензија за решение на проблемот.
- Како и да е ние сме отворени за разговори во кои ќе ја соочиме силата на аргументите, а не аргументите на силата како што било досега. Очекуваме од грчката страна да ја согледа реалноста оти овој спор е билатерален и дека секоја држава и нација има право на свој идентитет, суверенитет, самостојност, самоопределување, и во рамките на тие меѓународно утврдени правила би можеле да трагаме по заедничко решение, истакнува министерот за надворешни работи Антонио Милошоски.