Дефицитот во првото полугодие достигна милијарда долари
Република Македонија во надворешнотрговската размена во првото полугодие од 2010 година забележала дефицитот од точно една милијарда долари, објави во петокот Државниот завод за статистика. Ова претставува намалување на дефицитот во споредба со истиот период лани, кога трговскиот дефицит изнесувал 1,12 милијарди долари. Истовремено обемот на Стоковната размена на Република Македонија надминал 3,87 милијарди долари, што е за 10,3 отсто повеќе во споредба со лани. Ова се должи пред се на зголемениот извоз на 1,43 милијарди долари, во однос на ланските 1,19 милијарди долари, но и на увозот на 2,44 милијарди долари, во споредба со 2,31 милијарда долари увоз забележани во првото полугодие од изминатата година. Ваквата состојба во периодот јануари-јуни резултирала со значителен пораст на покриеноста на увозот со извоз на 58,8 отсто, додека во истиот период лани покриеноста на увозот со извоз била 51,4 отсто. Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на производите од железо и челик (валани производи), облеката, фероникелот и преработките од нафта, а во увозот најмногу е застапена суровата нафта, моторните возила за превоз на лица и електричната енергија. Според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, Република Македонија најмногу тргува со Германија, Грција, Србија, Русија и Бугарија (43.7% од вкупната надворешно-трговска размена се врши со овие пет земји).